Madzirov, Nikola: НЕ ЗНАМ
НЕ ЗНАМ (Macedonian)Далечни се сите куќи што ги сонувам, далечни се гласовите на мајка ми што на вечера ме повикува, а јас трчам кон полињата со жито.
Далечни сме ние како топка што го промашува голот и оди кон небото, живи сме како термометар кој е точен само тогаш кога ќе погледнеме кон него.
Далечната стварност секој ден ме испрашува како непознат патник што ме буди на половина пат со прашање „Тој ли е автобусот“, а јас му велам „Да“, но мислам „Не знам“, не знам каде се градовите на твоите дедовци што сакаат да ги напуштат сите откриени болести и молитвите.
Сонувам за куќа на ридот од нашите копнежи, да гледам како брановите на морето го исцртуваат кардиограмот на нашите падови и љубови, како луѓето веруваат за да не потонат и чекорат за да не бидат заборавени.
Далечни се сите колиби во кои се криевме од дождот и од болката на срните што умираа пред очите на ловците кои беа повеќе осамени, отколку гладни.
Далечниот миг секој ден ми поставува прашање „Тој ли е прозорецот? Тој ли е животот?“, а јас му велам „Да“, а всушност „Не знам“, не знам кога птиците ќе прозборат, а да не кажат „Небо“.
|